Friday, March 15, 2013

Дали ти си твојата титула или пак си способен да го направиш својот вистински избор?










Секојдневно живееме правејќи избори. Секој ден, секој миг е избор. Почнувајќи од тоа како ќе се облечеме, што ќе конзумираме, со кого ќе се видиме, што би споделиле во разговорот... изборите се преземање решенија кои ги доведуваме во реализација како израз на нашите внатрешни ставови, мисли, чувства изградени врз нашата перцепција и искуства. Кога човек е свесен за важноста на својата одлука, тогаш е свесен и за последиците на таа одлука. Секој човек треба да знае дека сам ја кова својата судбина. Од духовен аспект изборите можат да бидат пролонгирани, зашто луѓето немаат одредени ставови и претстави.

„Не знам, верувам во Бог ама не сум навлезен во тоа“;
„Кога можам одам во Црква и ќе се помолам“;
„Јас одам на јога и тоа многу ми одговара“;
„Атеист сум“;
„Редовно медитирам и ги насочувам мислите кон одредена цел“.

Тоа непознавање на правата духовност, своевремено создава дупка во личноста низ која пропаѓаат емоциите и верувањето, во оној момент кога личноста е соочена со своите стравови, неизвесната иднина, опасноста која надоаѓа. Луѓето кога се неупатени, тие било каков став да заземат, тоа ќе биде одлика на нивното незнаење, неутврденост во верата во Бог, и се случува незнаејќи да згрешат. Кога човек не ја исклучува можноста дека греши и дека неговиот став не е конкретен, тогаш има простор да прима нови спознавања и да се покае за своите претходно направени избори кои биле одлика на непознавањето. Кога човек и покрај сите укажувања, одново е убеден во своите ставови дека се точни, кај него отсуствува можноста да ја слушне Вистината, се однесува арогантно, со предрасуди, без потреба за покајание.

Во вистинската духовност се разгледуваат сите форми на однесувања како верување, неверување, крути ставови, вистински подвизи, осознавање на вистината или индиферентност кон вистината. Правата духовност вклучува свесност за својата несовршена природа која се изразува со покајание, понизност, потребата за прифаќање и простување. Оваа асимилицаија на вистината не може да дојде како резултат на медитирање, вежбање на телото, здрава исхрана, туку исклучиво преку вршење на прав избор дали да се биде во вистинска духовност или не.

Порано размислував дека луѓето треба да пробаат црвени јаболка, а потоа зелени јаболка и да ја осознаат разликата. Мислев дека опитот и искуството се клучни за определување на изборот на човекот, но тоа подразбира страдање. Замислете дека тоа би значело човек за сé во животот за кое треа да донесе одлука да ги искусува двете противставени работи: „Сакаш дрога или сакаш слобода? - Па, знам што е слобода, дај ми од другово да пробам. 

Ваквиот избор води кон ропство и страдање. Господ Исус Христос ни кажа дека ние не избираме да бидеме спасени, туку Тој веќе нè избрал нас и соодветно ја имаме свесноста да се покаеме, покориме пред Него, да го спроведеме сето она кое Тој нè учи како практична духовност со развивање на духовни ставови како структура во самата личност без да бидат вклопени материјалистичките цели или пак ритулните облици на духовно изразување.

Човек кога живее со познавање на Господ Исус Христос повеќе не е слеп, туку чекори во Светлина, без труд и напор, само со вера во Него, човекот е спасен и живее нов живот. Важно е што без да страда, човекот распознава што е добро, а што е лошо. Таа перцепција се гради врз Светото Писмо и овозможува градење на карактер кој може да ги разликува вистинските од лажните појави во животот, благословите од проклетствата, предизвиците од стапиците... Тоа е свесност да се разликува што е добро а што лошо, без да се искусува страдање, туку навреме да се прават своите избори и да се чекори во Вечен живот.

Всушност оваа способност доаѓа по Милоста Божја, бидејќи да разбереш дека си грешен е едно, но да го имаш поривот пред Бог да молиш за разрешување на твојот грешен начин на живеење со желба за победоносен живот преку Господ Исус Христос, тоа е благослов излеан од Бога во човечкото срце.

Спасението доаѓа од Бога и тоа е Вечен живот , кој ќе одлучи дека припаѓа таму не значи дека веднаш ќе влезе во таа Вечност, туку потребно е своите внатрешни избори да ги соблече пред Бог низ исповед, покајание, понизност и копнеејќи за прошка. Господ е жив и секое одложување на молитва пред Него значи страдање, избор да бидеш оддалечен од Бог. Тоа може да те разболи, да те потроши, да те направи уморен од животот и да потонеш во несреќа. Доколку избираш да ја напуштиш својата навика, нефлексибиност и крутост, како на пример:
јас цел живот сум ваков, сега ли ќе се менувам?“;
растев во други услови, сега ми е тешко да се прилагодам, ама ако има Господ ќе види дека не сум толку лоша личност!“;
„како да се задлабочам во ова кога сум човек на науката и верувам само во она што е опипливо?“,
тогаш ќе се случат чуда Божји во твојот живот, но доколку ги користиш погорниве ставови како избор да останеш на своето, бидејќи тоа те врзува за задоволството да се крепиш сам за својата личност и способности, тогаш тоа е садистички став кон животот, болен избор како одлика на суетност, закоравеност, страв и бегство од вистината.

Затоа додека овие ставови сеуште не те разболеле, направи го вистинскиот избор: “Прослави Го Господ Исус Христос за свој личен Господ и Спасител, изрази ја својата понизност пред Него низ исповед, покајание и копнеж за прошка, заблагодари се за можноста на освествување и радувај се”- овој избор не значи да постанеш примитивен, ниту пак да се видат пред луѓето твоите слабости, туку избор да ги напуштиш своите кафези ставени врз емоциите, мислите, духот. Не се грижи дали некој ќе те исмее или ќе те поддржи, биди свесен дека твојата титула не си ти, ниту пак е улога која не ти дозволува да си со Бога. Направи го својот избор.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.