Friday, March 15, 2013

И вие сте во арената





Господ е Семоќен Сеприсутен Творец на сé и на сите, а ние како и овој свет и сé што е на него сме Негова креација. Убавината која нè опкружува надвор од нас и во нас е Неговото присуство. Сé е откриено пред Господ и ништо не може да се скрие. Господ создава, а создавањето се поттикнува од Љубов. Господ е Љубов и сé е создадено од Неговата Љубов.  Постои духовна војна во која сатаната сака да ги оттргне луѓето од Божјата Слава, од Бога и затоа тој ги краде човечките души. Тој е клеветник и неговата љубомора се изразува со тоа што тој ги обвинува луѓето дека се грешни, отфрлени, виновни, служејќи се со подмолни лаги ги заведува во ропство преку нивната зависност од пороци и правење гревови, после кое следува целосно угнетување на нивните души. Луѓето постојано се оттргнувани од Божјиот пат и го кршат Божјиот Закон, но Господ е над сé и Тој сé знае. Неговата Љубов се изразува преку пожртвувањето на својот единороден син кој го даде својот живот за сите ние да сме откупени од вината, гревот. Преку Господ Исус Христос ние сме оправдани како никогаш да не сме грешеле.

Христос ја пролеа сопствената крв за да не откупи. Сега гревовите ни се простени. Го стори тоа поради Својата неизмерна благонаклоност спрема нас, - Ефесјаните 1:7 

Господ Исус Христос е над Законот. Преку смртта на Христос, Божјата правда беше задоволена, зашто Тој умре на крстот и ги зеде сите наши гревови, сета вина и ја плати нашата казна, а на тој начин Бог нам ни прости за сите грешни дела и постапки, без разлика колку се тие многу, или колку се сериозни, веќе се простени, кога имаме вера во Исус. Кога веруваме во Господ Исус Христос тоа значи дека со верата во Него сме спасени, бидејќи преку почитувањето на Божјите заповеди колку и да се придржуваме за нив, сепак грешиме бидејќи грешници сме по Адам. Исус на крстот заврши со Мојсеевиот закон како неопходното средство преку кое се достигнуваше праведност во однос на Бог. Христос е крајот на законот како средство за достигнување праведност со Бог. Господ Исус Христос одново ни овозможи заеднички живот со Господ Таткото Наш Небесен.

И вие сте во арената каде што се случува духовната војна. Вие не случајно доаѓате во арената, зошто се раѓате на овој свет?

Многумина се однесуваат како небаре животот е даден да се господарствува со светот и со другите луѓе, но тие дефинитивно се заблудени и се инструменти на сатаната. Вас сé повеќе таквите луѓе од вашето опкружување ве иритираат, дури се прашувате зошто Бог тоа го дозволува? Други мислат дека се скромни и се задоволни со своето семејство и тоа што го имаат, без поголеми амбиции, немаат порив да го направат светот подобро место за живеење. Така некои луѓе живеат од ден за ден. Други се растргнуваат од потребата да постигнат нешто за себе и семејството и се раководат по својот рационален ум. Тие едвај можат да кренат глава и да осознаат каде се, но сите ја имаат шансата да видат. Понекогаш борбата за опстанок ги доведува до степен „трај си - прај си“ (или молчи и терај).

Постојат и христијани - верници кои веруваат дека само тие знаат сé бидејќи живеат според Библијата, но не дејствуваат да им помогнат на другите.

Но има и луѓе кои навистина се стремат да направат дела за да Го прослават Господ Исус Христос. Јас верувам дека вие кои читате вакви книги, сте подготвени навистина без да се срамите да чекорите напред и да Го Славите Господ Исус Христос.

Треба сите луѓе да се свесни дека Господ ни дал слободна волја и тоа значи дека Неговата Љубов не нè условува, Тој сите нас нè сака безусловно, безрезервно и ни ја дава Вистината. Ние сме сите спасени преку Господ Исус Христос и живееме да Го славиме, да ја спроведуваме Неговата Волја, да живееме со Него и бидеме работници на жетвата. Господ ни дал многу и ние треба да сме благодарни за тоа.

Да не бидеме уморни да правиме добро, зашто ќе жнееме во право време, ако не се умориме. - Галатјани: 6:9 

Секој човек треба да е свесен дека кога има живот со Бога, веќе не може свесно да греши и потоа пак да се покајува и повторно да греши, тоа е лицемерно и тоа значи дека нема искреност, туку постојано со тоа Го распнуваат Исуса на крстот. Ако се трудите да не грешите, тогаш можно е да западнете во состојба да правите свој идол од парите, болеста, стравот, работата, но треба да се пазиме. Кога живеете со Бога, Неговата Љубов е во вас и тогаш, сатаната не може да ве допре иако има власт на светот во кој сме, но Исус му ја скрши власта на сатаната, Исус е победник и ни даде вечен живот.

Знаеме дека ниеден, кој е роден од Бога, не греши, туку родениот од Бога се пази себеси и лукавиот не се допира до него. Знаеме дека ние сме од Бога, а целиот свет е во власта на лукавиот. Исто така, знаеме дека Божјиот Син дојде и ни даде разум, за да Го познаеме Вистинскиот. И ние сме во Вистинскиот, во Неговиот Син Исус Христос. Тој е вистински Бог и вечен живот. Дечиња, пазете се од идолите. Амин! - 1 Јованово 5:18-21 

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.