Friday, March 15, 2013

Ангел пред вратата на Весна





Од спратот подолу под станот на Весна се слушаа чукања, удирања од мајсторите кои се обидуваа да ја поправат пукнатата водоводна цевка. Sвончето во станот заѕвони, Весна побрза да отвори, мислејќи дека им треба некаква помош или алат на комшиите и на мајсторите кои работеа. Пред влезната врата стоеше една русокоса жена помалку поднаведната. Рацете ѝ беа со побелена и сува кожа од ладното време. Жената носеше еден постар капут и една шамија на главата. Весна се изненади од скромниот и изнемоштен изглед на жената. А жената полека го подигна погледот кон Весна и ја замоли: „Извинете, но имам проблем, моето дете е во болница, ми треба помош за да можам да докупам лекови за неговото лекување. Не знам дали ми верувате или не, но ако на било каков начин можете да ми помогнете...“

Весна кога ја слушна изјавата веднаш се досети и на некои претходни луѓе кои ѕвонеле на нејзината врата со разни изговори за да се просат пари, и во нејзе се појави скептичноста како магла која ѝ го замати умот. Токму во тој миг Весна кога сакаше да ја затвори врата, жената ја наведна главата и се насочи да си тргне. Тогаш сомнежот не додржа во Весна и таа извика: „Почекајте, ве молам почекајте, сега ќе се вратам”. Жената во истиот миг застана, а Весна се врати во станот.

Во паричникот на Весна имаше неколку банкноти кои ја формираа вкупната сума од 1500 денари кои ѝ останаа после големото купување на подароци и продукти за празничните денови. Таа се запраша себеси, колку ли да ѝ даде на жената, нејзиниот ум ѝ укажуваше да даде помалку пари, за да може да ги задоволи основните потреби во наредните денови пред да земе плата. Тогаш Весна застана како да се згрчи. Нејзиното тело беше стаписано, очите ѝ останаа замрзнати како да беше отсутна и некаде далеку полетана. Во тој миг на нејзиното лице се извезе една топлина, нежност која засвети по целата нејзина глава. Тој миг беше толку краток, а малку повеќе од долг... тогаш Весна ги зема сите пари и побрза кон влезната врата. Ја отвори вратата, жената сеуште стоеше премрзната пред вратата. Весна ѝ рече:„Повели ова е тоа што можам да ти го дадам“, а потоа додаде: „еве ти го и мојот мобилен телефон што и да ти треба те молам побарај ме, информирај ме што се случува со твоето дете, во меѓувреме ќе се молам на Господ Исус Христос за твоето дете”.

Жената беше повеќе од изненадена, се насмевна и чиниш во срцето и огреа светлина. На нејзините очи се појавија топли солзи кои само што не капнале, а од устата нежно прошепоти: „Многу ти благодарам, а Господ да те благослови со изобилство од Неговата Милост”. Жената ги зеде во своите премрзнати раце парите и бизнис картичката од Весна. Тогаш Весна се сети дека можеби жената е гладна и жедна и ѝ рече: „Извинете уште еден момент, ве молам почекајте да ви донесам уште нешто“. Весна отиде во кујната, зеде парче леб и во една чаша стави супа од подготовките за попладневниот ручек и се упати кон вратата. Кога Весна ја отвори вратата, жената ја немаше, си заминала. Весна не го очекуваше тоа, се врати назад во кујната збунета, но ѝ беше криво што не се сети порано да ѝ даде на жената топла супа и парче леб. Тогаш во нејзиното срце се појави некакви возбуда, мало љубопитство. Весна веднаш истрча и се симна на долниот спрат. Мајсторите беа седнати на скалите и пиеја кафе со комшиите кои го имаа проблемот со пукнатата водоводна цевка. Весна ги праша: „Здраво комшии, дали сега помина една жена од тука?“ Мајсторите и комшиите беа збунети, но веднаш ѝ одговорија дека веќе 20 минути се надвор во ходникот пред станот и пијат кафе, чекајќи го другиот колега да им донесе алат без кој не можат да продолжат да работат и дека не виделе никој да помине, ниту да се качува нагоре, ниту да се спушта надолу. Весна се заблагодари и се упати кон горните спратови на зградата, но и таму немаше траг од жената.

Весна беше малку збунета, но повеќе среќна, се врати во домот и си потпевнуваше некоја песна. Покасно направи молитва кон Господ Исус Христос и излезе во градот да се најде со пријателката. Кога излезе со пријателлката седна во кафулето, а на крај од состанокот, по инерција Весна посегна да го земе паричникот од чантата за да го плати чајот и покрај тоа што нејзината пријателка ѝ укажа дека ќе ја почести. Во паричникот на Весна имаше сеуште 1500 денари. Весна остана стаписана, збунета и вознемирена. Се чувствуваше како да ѝ е потребно повеќе време да ги размисли одново нештата што ги преживеа тој ден. Пријателката на Весна ја забележа нејзината вознемиреност и ја прашуваше што ѝ се случува, но Весна само замолча и се насмевна.

Поминуваа деновите, навечер или наутро Весна се прашуваше дали било вистина или сон она што го доживеа со жената, како можеа парите да бидат сеуште во паричникот, кога ги беше дала на жената? Потоа се прашуваше како ли е детето на жената која молеше за помош. Потајно, некаде длабоко во себе Весна го очекуваше повикот од жената да се случи во тие денови. Поминуваа деновите, но жената не се јави. После повеќе денови на Весна и се јавија од работа и нејзината колешка и соопшти дека нивната организација примила голема донација од некој човек. Весна беше изненадена бидејќи не аплицирала со никаков проект на ниту една организација или човек. Тоа беше неочекуван прилив на финансии кој малку ја подзамисли Весна. Додека беше замислена се подготви за духовната работилница која ја имаме редовно во вторник навечер и се упати кон нашите простории. Откако се поздравивме, Весна ми ги раскажа сите детали за кои ви пишувам. Но, тогаш ја прашав што е тоа што ја направило да се предомисли во однос на парите, дали да даде помалку пари на жената и веднаш потоа да одлучи без сомнеж, сите пари од паричникот да ѝ ги даде на жената. Весна рече:

„Во тој миг, слушнав глас кој ме преплави со прекрасна блажина, почувствував дека Светлина се спушта врз мене. Гласот ми рече да ѝ ги дадам сите пари и без размислување го сторив тоа. Истиот ден забележав дека парите што ѝ ги дадов на жената се непоместени од мојот паричник. Бев полна со прашалници, а по неколку денови ми испливуваше ликот на жената, а потоа добив донација во мојата организација. Јас сум изненадена бидејќи жената беше многу понизна, не наликуваше на просјак, ниту на некој кој лаже. Збунета сум, имам чувство дека долго време барала помош или подршка од врата на врата, но никој не ѝ верувал.Се надевам дека нејзиното дете е добро. Но чувствувам дека беше ангел.“
„Ах, Весна, се разбира дека беше ангел. Колку ли ангели доаѓаат во нашите животи, некои да нé поддржат, а некои за да ја покажеме нашата дарежливост и вера во Господ Исус Христос. Луѓето станаа скептични, некои крути, а некои исплашени, дури ни врата не отвараат, зашто некои го злоупотребија и просењето на помош. Треба сите да работат на довербата, сплотеноста, меѓусебното помагање и љубење, на тоа на кое Господ Исус Христос нé учеше.“

Весна додаде: „Тешко е човек да процени кој е прав, а кој не е, и јас бев скептична кон жената, но ти велам Го слушнав Гласот кој беше Божји и бев целата облеана со нежност. Се прашувам дали луѓето Го слушаат Тој Глас?“

„Би сакал да верувам во тоа Весна, но треба да знаеш дека секое срце што верува во Господ Исус Христос и расте во Божјото Слово како тебе, лесно е да Го слушне Божјиот Глас. Да се молиме за сите луѓе да се обединат во Името на Господ Исус Христос и да завладее мир и добра волја меѓу луѓето.“

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.