Tuesday, April 30, 2013

Осмели се ако можеш!







Се изнагледав лицемерие, нестабилност и лековерност. Некои започнаа да се продаваат за пари, на други привлечно им е осудувањето, па се придружуваат на оние кои мразат и осудуваат, уживајќи во насладата некого да осудуат и исмејат. И така од некои станав предмет на осудување. Ме гледаат со таков презир како да сум најголем престапник, како да сум запалил црква, како да сум убиец. Зошто?

Дали заради тоа што не зборувам од себе, туку бидејќи Господ Исус Христос зборува низ мене? Да, јас грешев и одев по грешни патеки, но кога Господ ми прости и ме спаси, прибирајќи ме во Него, ме повика на служба, зарем сум непријател? Толку многу верници вратив во црквата, а сеуште сум предмет преку кого ги плашат луѓето.

Тивко и подмолно ме кудат не заради друго, туку заради тоа што Господ ме направи огледало на лицемерието на оние кои се повикани во служба кон Бога. Ја зборувам вистината без да судам, туку со разум изграден врз база на Светото Писмо. Јас, една мала единка, индивидуалец, станав потсетник за тоа дека верата доаѓа преку Светото Писмо и расте во срцето на секој човек, а не со безбројни ритуали и правила. Тоа ми е мисија и дали е тоа напад кон некого, на кого би му пречело ова кое не е моја мисла, туку од Библијата, а јас само гласно ја кажувам?

И со многу стихови од Светото Писмо ме обвинуваат и го гледаат најлошото, но добро е за мене, зашто Господ Исус Христос вели:

Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно против вас, секакви лоши зборови, заради Мене. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, зашто така ги гонеа пророците, кои беа пред вас. - Матеј 5:11,12

Блаженствата Божји се врз мене... не се плашам.

Дали знаеш какво е чувството кога некој ти забива нож во грб?

Многу болно и го дефинираш како предавство, изневера, празнина. Ова ми се случувало многупати кога сакајќи да им помогнам на луѓето, ме клоцнуваа грубо и понижувачки. Не велам дека не сум грешел, не велам дека сум жртва, само ти споделувам да знаеш дека и јас сум човек кој бил повредуван како што и ти си бил. Најдобро е да простиш, а тоа е одлука во тебе љубовта да преовлада над болката или предавството. Таа Љубов не е моја, не е човечка, таа е Божја и кога се молиш Господ сé повеќе излева од Неговата Љубов. Ова не се учи преку теолошки начини, ова се живее. Така и јас живеам во една практична духовност, живо Христијанство.

Многупати велев дека Христос ни зборува да се радуваме, а гледав тажни луѓе во црква влегуваа и излегуваа. Песните беа убави, духовни, но строги и тажни како во „крајниот чин“, како Господ да е далеку од мене. Палам свеќа и гледам дека е празна ако нема молитва. Денес колкумина знаат да се молат во тие големи, убави и високи цркви?

Ладно... со што ли ќе се згрее срцето мое? Со долги процедури стоејќи и чекајќи за да заслужам? Да, за да останам понизен и со страв кон Бога, да се покајам за своите гревови и пред Исус да клекнам, но не пред човечко лицемерие.

Многупати ги потсетувам луѓето дека треба да Го читаат Словото Божјо, а кажуваат дека зборувам лошо за црквата, многупати посочувам кон вистинско покајување и покорување пред Господ Исус Христос, но често ме навредуваат дека не сум Божји човек и дека правам секта кога им зборувам на луѓето на јавни презентации и трибини за Господ.

Се прашував зошто толку многу зборувам и која е целта?
Едноставно, служам на Господ Исус Христос, работам за Негова Слава, а ме гледаат како непријател. Ниту сум теолог, ни свештеник, тогаш како Господ излева врз мене? Како рибар кој не знае ништо, освен да ја фрла мрежата на пеколното сонце, така и јас си ја работев својата работа, но Господ Исус Христос дојде во мојот живот и ме повика. Кој е поголем авторитет, оние кои љубоморат на Христовата Љубов кон мене, па затоа ме фрлаат настрана од нив или Господ Исус Христос?

Кога им беше потребна помош на некои луѓе поради здравствен или психички проблем од демонска причина, тогаш Господ Исус Христос ме употребуваше преку молитвената терапија која ја приложував врз нив со моите колеги, и се случуваа чуда Божји. Тие луѓе беа исцелени и благодарни, но потоа ќе сретнеа некој теолог или фанатично религиозен човек кој ќе им нафрлеше сомнеж, страв и вина и тие луѓе само си заминуваа. Ме болеше како кога на некоја добра маќеа ќе ѝ ги земеа децата - сирачиња која ги чувала додека да се најдат родители за нив.  Тоа се Божји деца и во одреден миг имав родителски однос кон нив, иако значително помлад од нив, а потоа како некој да ги крадеше. Замисли, тој некој кој е под влијание на сатаната, а облечен во мантија, тие не го препознаваа, само слепо го следеа. Како мантијата да е гаранција дека оној кој ја носи сé што зборува е точно, најправилно и без приговор треба да се прифати. Каква е таа заслепеност, зарем е тоа слобода? Но, тоа јавно не се кажува така, туку постепено се наметнува кон луѓето верници, со вина, страв, потоа фанатизам и тука завршува сé. И така оние луѓе кои Господ Исус Христос ги спаси, ги исцели, „тие“ ги оттргнаа и ги направија робови на стравот, предрасудите, религиозниот фанатизам, вината.

Замислете, за време на инквизицијата во Името на Христос се убиваа невини луѓе, само затоа што неколкумина според свои субјективни причини ќе обвинеа некого дека не е Божји човек или дека работи против Бог, без разлика дали тоа било вистина или не, и човекот бил пален на клада или убиван на најгрозоморен начин!
Зарем не беше така со фарисеите и садукеите кои го поттикнаа народот да навиваат пред Понтиј Пилат да биде Господ Исус Христос казнет со смрт?

Многумина за мене зборуваа дека сум бил против Бог, и се ситеа кога ќе ги придобиеја крвеките и слаби душички, а јас само се молев навистина таму каде што одат да ја најдат Божјата Вистина. Честопати ги заблудуваа со тоа дека правата црква е една и се повикуваа на некои факти од традицијата и на тоа колку таа низ вековите траела. Бесмислено, но како гарантен лист ја користеа својата историја. Во Светото Писмо е пишано дека по делата ќе ги познаеме вистинските и така гледам дека христијаните кои одат во некои такви цркви, немаат плодност и победоносен христијански живот. Не знаеја што им се случува, само на неколку месеци беа во полет и се враќаа пак назад во своите пештери и покрај тоа што беа ослободени преку Господ Исус Христос. Сега е време за индивидуален избор, секој треба да го направи својот избор, дали ќе  живее според Светото Писмо во живо Христијанство.

Кога луѓето избираат да следат традиции и различни правила се соочуваат со многу обичаи и разни процедури, а особено со чувството на специјалност дека „тие се вистинските, а другите се лажните и сé што е надвор од нив е секта“, кое всушност е одлика на гордост и осуда, а гордоста е сатанска особина.

Отстапи место во твојот живот за Господ Исус Христос, Тој да те употреби, да живее во тебе и да владее со тебе, односно да си ополномоштен од Бог да работиш за Негова Слава.

Дали сега сум католик, протестант, баптист, евангелист, пентакосталец, православен... каков ли сум сега кога зборувам вака? Јас не сум ништо освен служител Божји кој сведочи за Славата на Господ Исус Христос. Јас сум Христијанин, но сум оној кој согледа дека Христос дава слобода и дека не претставува заштитно лице на ниту една институција, бидејќи Христовата Црква е Една.

Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги правам Јас, ќе ги прави и тој. Ќе прави и поголеми од овие, зашто Јас одам при Мојот Татко. - Јован 14:12

И бидејќи се случуваат чуда кај луѓето за кои се молам на Господ Исус Христос, затоа ли сум обвинуван? Бидејќи се ослободени од демони во Името на Господ Исус Христос, затоа ли сум непријател на некоја црква, чија должност е тоа да го прави? Зар тоа не е против Вистината од Светото Писмо која гласи вака:

’Во последните денови - вели Господ - ќе излеам од Својот Дух на секое тело, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите младинци ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа. Исто така, во тоа време, и на Своите слуги и на Своите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и ќе пророкуваат. - Дела Ап. 2:17,18

Дали денес има синови и ќерки кои пророкуваат? Дали има млади кои гледаат виденија? Дали на слугите и слугинките Божји им е дозволено да пророкуваат? Никој не се осмелува, бидејќи Господ дава слобода, а ослободениот човек не е роб и тоа не им одговара на некои, затоа секој што од Бога е благословен на ова време да служи на Бога, е обвинуван и покажуван со прст како сатански човек како лажен Христос. Против кого „тие“ вршат обвинување? Против мене ли? Не, јас не сум тој што го обвинуваат, туку го обвинуваат Господ кој излеал од Својот Дух и врз мене.
Во Библијата пишува дека не се простува хулата кон Светиот Дух, а ако спомнеш дека Светиот Дух те поучува и е во тебе, тогаш многу е веројатно од некои од погореопишаните религиозни фанатици, припадници на некоја црква, да бидеш трајно обележан како демонизиран и опседнат човек за кое одново тие не можат да ти помогнат. Но, наместо да ме препознаат мене и луѓето од Бога дадени да сведочат за Негова Слава опишано во погорниот стих, „тие“ во своја одбрана, но и како напад го користат од Светото Писмо она што им одговара на нивната суета и желба за манипулација:

зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, па ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните. - Матеј 24:24


И кој ли мене ќе ми верува, јас толку мал и грешен човек употребен од Бог? Не треба никој мене да ми верува, зашто јас не сум за верба, бидејќи сум човек и грешник, туку верата не треба да ви биде кон човечка доктрина и суета, туку само кон Господ Исус Христос. Ако некој ти вели да не читаш Библија, зарем тој е Христов? А јас ти велам читај од Светото Писмо, не дозволувај да бидеш прелажан од парите, од стравот кој го сеат „побожните“, читај и слушај од Божјото Слово и Слави Го Господ Исус Христос.

Парадоксално, „претставниците“ на Христос велат дека е погрешно:
- да бидеш исполнет или крстен во Светиот Дух;
- да сведочиш за Бог, а не си теолог или свештеник;
- да им велиш на луѓето да го читаат Светото Писмо Библијата, бидејќи тоа може да го прави само претставник од црквата; 
- да се препуштиш Господ да те води во служба за ослободување на луѓето од демонска опседнатост (некои од таквите велат дека не постојат демони, други не знаат начин како да ти помогнат во Име на Господ Исус Христос, а трети кажуваат дека немаш право тоа да го правиш); 
- да се собираш и да пееш за Господ Исус Христос без да е тоа со дозвола од некој свештеник или пак надвор од црквената просторија.



Јас ги рушам стегите на закоравеноста, бунтовник сум, но никако против Бога, туку со сила што доаѓа од Бога. Господ Исус Христос дојде да ги урне моделите на правила и религиски принципи и да даде слобода на секој кој верува во Него за да биде спасен и помирен со Бог Отецот. Тој ни го покажа тоа и со растурањето на масите од менувачниците и пазарот кој беше во Храмот на Неговиот Татко.

И Исус влезе во Храмот и ги истера сите, кои купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте столовите на менувачите на сребреници, и столиците на продавачите на гулаби, и им рече: „Напишано е: Мојот Дом ќе биде наречен Дом На Молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.” - Матеј 21:12, 13

Ете го денес пак одново пазарот на кој сите се согласни, на сите им одговара и сите молчат, а јас пречам.  Зошто? Бидејќи Господ Исус Христос ме сака како што ве сака и сите вас?

Дали судам ако расудувам и размислувам според Библијата?
Нели треба да ги испитуваме духовите?

Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите - дали се од Бога, зашто многу лажни пророци излегоа во светот. - 1 Јованово 4:1

Никаде во Светото Писмо не пишува дека во таа и таа црква имаш спасение и Вечен Живот, туку напишано дека кој верува во Господ Исус Христос ќе биде спасен.

Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден.  - Марко 16:16

...И сега на каде?

Ќе паѓаш на секое мало искушение обвиткано со сомнеж и со богохулни изјави за Светиот Дух? Ќе веруваш дека лагите се вистина? Ќе ти ја поткопаат ли верата? Твој е изборот.

Сега е време секој да зачекори по Христовиот пат, да има заеднички живот со Бога и тоа не може да го стори одејќи по секти и лажни доктринални учења.


Запамети го ова:

А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици; ќе фаќаат змии; ако испијат и нешто смртоносно - нема да им напакости. Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат. - Марко 16:17,18


Јас ја сакам секоја црква која е Христова, но разбрав дека е Една, вистинската Христова е таа каде се Слави Христос и не се наметнуваат човечки авторитети, туку единствен авторитет е Господ Исус Христос и ќе се молам за да се усовршува Црквата, а ќе се молам и за оние кои судат и наметнуваат психолошка нестабилност, дилеми, стравови, вина и горчина кон верниците, бидејќи многу често придобиените луѓе стануваат страдални, поттикнати во грев, а заблудени дека вршат Божја Волја.

Ох, пријателе драг, еве што кажа Господ Исус Христос:

Ќе ве истеруваат од синагогите; а ќе дојде час, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека Му служи на Бога. А тоа ќе го прават затоа што не Го запознаа Мојот Татко, ниту Мене.- Јован 16:2,3

Тогаш како ќе познаеш кој е вистински, а кој лажен Христољубив човек?
Како ќе знаеш дека јас го сакам Бог, по што ќе ме препознаеш, по она што ќе ти го кажат другите, по она како ќе реагира мнозинството или по она што ти го кажува Божјото Слово? Прочитај во наредните стихови:

Затоа ве известувам дека никој, кој зборува во Божјиот Дух, не вели: „Проклет да е Исус,” и никој не може да каже: „Исус е Господ,” освен преку Светиот Дух. - 1 Коринтјани 12:3

Кој е лажецот, ако не оној, кој одречува дека Исус е Христос? Ова е антихрист - кој ги одречува Таткото и Синот. - 1 Јованово 2:22

Немаме плодоносен живот во Бога ако судиме, мразиме, се гневиме, критикуваме...

Затоа да се молиме еден за друг и Господ да нè направи вредни за да Го прославиме и по тоа ќе нè познаат кои сме:

По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици - ако имате љубов помеѓу себе!” - Јован 13:35







No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.