Friday, March 15, 2013

Чекор кон нови цели.




Ако човек нема цел во животот, тогаш нема динамички елемент во неговото живеење. Размислете дали вие или некои од вашите блиски имате депресивни мисли, дали стравот превзема контрола над вас, дали неизвесноста ве прави жртви на времето?

Некои од луѓето читаат, но си остануваат со теориите без практично да ги применат советите. Други пак, остануваат во секојдневнието да гледаат телевизија или пак во меланхолијата да тонат без престан со чувството дека се жртви на безработицата, лицемерното пријателство, болестите и слично. Од искуството увидов дека најчесто вакви состојби им се случуваат на луѓе кои немаат не само цел, туку немаат стабилна база врз која треба да го градат својот живот. Едноставно пораснале и наивно влетале во светот кој не нуди спасение, туку борба за опстанок.

Дали вие имате цел?

Во некои случаи кога родителот не ја исполнува својата амбиција во замислените цели, доаѓа момент кога тоа сака да го наметне на своите деца. Децата стануваат „среќни жртви“, бидејќи ја имаат поддршката од родителите за да одат напред, но не разбираат дека станале жртви на туѓата желба. Затоа таквите деца кога ќе бидат успешни и обезбедат услови за живот, стануваат свесни за важноста на животот и за тоа кои се тие како личности. Некои продолжуваат напред во потрагата, други се губат и бараат утеха во пороците, други глумат пред луѓето дека е сé е во ред, а во себе страдаат... Кога ќе ги доживеете овие фази доаѓате до момент на безличност, рамнодушност и заситеност од сé. Како предвреме да сте го изживеале животот, како да сте изморени од животот. Тогаш веќе немате конкретна цел. Тоа не значи било каква цел од секојдневните обврски, туку вистинска цел, за да ве придвижи напред.

Едно дете останува само, неговите родители загинале во сообраќајна незгода. Од страната на мајката нема роднини, а од страната на таткото, иако стара постои баба на која ѝ е доделено внучето да го идржува и да се грижи за него. Детето оди на училиште, оди напред, но бабата сé повеќе е изморена. Кај бабата е дијагностицирана тешка болест со краен исход смрт и тоа во наредните месеци. Бабата започнува да размислува дека нема на кого да го остави внучето, нејзината грижа е толку голема што ѝ дава борбени механизми да надмине сé само да го изнесе своето внуче на прав пат. Загрижена од можните сценарија каде и кој би се грижел за нејзиното внуче, преплашена од стравот дека животот на сирачињата е тежок, бабата започнува преку молитви кон Господ Исус Христос со голема посветеност и ентузијазам да се посветува на внучето. По неколку години бабата е сеуште жива. Божјата Љубов во неа ја исцелила како резултат на молитвите и на силната вера во Бог. Всушност, Господ ги услишил нејзините молитви заради нејзината желба да се грижи за друга душа, за своето вуче, кое претставува вистинска цел.

Целта ја придвижува вашата димензија во еволуција. Токму за да ја имате таа цел потребно ви е не желба за задоволување на личните интереси, туку цел која е со конкретна добробит и за другите луѓе околу нас. Таквите цели доаѓаат само од Господ Исус Христос со молитва и со вера во Него, всушност, да живееш за Бог и да Му служиш, тоа е цел која дава живот.
Да се развиваш во духовен аспект е исто така цел и може да ве воведе во еден прекрасен свет исполнет со живи и динамични искуства. Секоја можност за разбирање на пријателот или простување на непријателот, секоја можност да помогнете некому, да споделите она што го имате со луѓето, е одлика на љубов. Доколку љубовта ве движи во животот не останувате сами, не сте изморени, не паѓате во мракот, туку сé повеќе бродите кон усовршувањето преку молитвата до Божјите прегратки.

Целта од духовен аспект не бара жртви, туку само откажувања од непотребните навики и старите модели на размислувања и дејствувања, да се зачекори во слобода, а не да се биде роб на желби и амбиции, да се исполни смислата на своето постоење. Во својата еволуција значи да имаш способност да се менуваш, да бидеш флексибилен, да прифаќаш и да знаеш кога и дали твојата цел е по Божјата Волја.

Времето за создавање цели пристигна. Можеш да седнеш сега и да размислиш што си направил во твојот живот и што би сакал навистина нешто да оствариш.
Поттикни се во своите нови цели.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.