Friday, March 15, 2013

Дали ти си твојата титула или пак си способен да го направиш својот вистински избор?










Секојдневно живееме правејќи избори. Секој ден, секој миг е избор. Почнувајќи од тоа како ќе се облечеме, што ќе конзумираме, со кого ќе се видиме, што би споделиле во разговорот... изборите се преземање решенија кои ги доведуваме во реализација како израз на нашите внатрешни ставови, мисли, чувства изградени врз нашата перцепција и искуства. Кога човек е свесен за важноста на својата одлука, тогаш е свесен и за последиците на таа одлука. Секој човек треба да знае дека сам ја кова својата судбина. Од духовен аспект изборите можат да бидат пролонгирани, зашто луѓето немаат одредени ставови и претстави.

„Не знам, верувам во Бог ама не сум навлезен во тоа“;
„Кога можам одам во Црква и ќе се помолам“;
„Јас одам на јога и тоа многу ми одговара“;
„Атеист сум“;
„Редовно медитирам и ги насочувам мислите кон одредена цел“.

Тоа непознавање на правата духовност, своевремено создава дупка во личноста низ која пропаѓаат емоциите и верувањето, во оној момент кога личноста е соочена со своите стравови, неизвесната иднина, опасноста која надоаѓа. Луѓето кога се неупатени, тие било каков став да заземат, тоа ќе биде одлика на нивното незнаење, неутврденост во верата во Бог, и се случува незнаејќи да згрешат. Кога човек не ја исклучува можноста дека греши и дека неговиот став не е конкретен, тогаш има простор да прима нови спознавања и да се покае за своите претходно направени избори кои биле одлика на непознавањето. Кога човек и покрај сите укажувања, одново е убеден во своите ставови дека се точни, кај него отсуствува можноста да ја слушне Вистината, се однесува арогантно, со предрасуди, без потреба за покајание.

Во вистинската духовност се разгледуваат сите форми на однесувања како верување, неверување, крути ставови, вистински подвизи, осознавање на вистината или индиферентност кон вистината. Правата духовност вклучува свесност за својата несовршена природа која се изразува со покајание, понизност, потребата за прифаќање и простување. Оваа асимилицаија на вистината не може да дојде како резултат на медитирање, вежбање на телото, здрава исхрана, туку исклучиво преку вршење на прав избор дали да се биде во вистинска духовност или не.

Порано размислував дека луѓето треба да пробаат црвени јаболка, а потоа зелени јаболка и да ја осознаат разликата. Мислев дека опитот и искуството се клучни за определување на изборот на човекот, но тоа подразбира страдање. Замислете дека тоа би значело човек за сé во животот за кое треа да донесе одлука да ги искусува двете противставени работи: „Сакаш дрога или сакаш слобода? - Па, знам што е слобода, дај ми од другово да пробам. 

Ваквиот избор води кон ропство и страдање. Господ Исус Христос ни кажа дека ние не избираме да бидеме спасени, туку Тој веќе нè избрал нас и соодветно ја имаме свесноста да се покаеме, покориме пред Него, да го спроведеме сето она кое Тој нè учи како практична духовност со развивање на духовни ставови како структура во самата личност без да бидат вклопени материјалистичките цели или пак ритулните облици на духовно изразување.

Човек кога живее со познавање на Господ Исус Христос повеќе не е слеп, туку чекори во Светлина, без труд и напор, само со вера во Него, човекот е спасен и живее нов живот. Важно е што без да страда, човекот распознава што е добро, а што е лошо. Таа перцепција се гради врз Светото Писмо и овозможува градење на карактер кој може да ги разликува вистинските од лажните појави во животот, благословите од проклетствата, предизвиците од стапиците... Тоа е свесност да се разликува што е добро а што лошо, без да се искусува страдање, туку навреме да се прават своите избори и да се чекори во Вечен живот.

Всушност оваа способност доаѓа по Милоста Божја, бидејќи да разбереш дека си грешен е едно, но да го имаш поривот пред Бог да молиш за разрешување на твојот грешен начин на живеење со желба за победоносен живот преку Господ Исус Христос, тоа е благослов излеан од Бога во човечкото срце.

Спасението доаѓа од Бога и тоа е Вечен живот , кој ќе одлучи дека припаѓа таму не значи дека веднаш ќе влезе во таа Вечност, туку потребно е своите внатрешни избори да ги соблече пред Бог низ исповед, покајание, понизност и копнеејќи за прошка. Господ е жив и секое одложување на молитва пред Него значи страдање, избор да бидеш оддалечен од Бог. Тоа може да те разболи, да те потроши, да те направи уморен од животот и да потонеш во несреќа. Доколку избираш да ја напуштиш својата навика, нефлексибиност и крутост, како на пример:
јас цел живот сум ваков, сега ли ќе се менувам?“;
растев во други услови, сега ми е тешко да се прилагодам, ама ако има Господ ќе види дека не сум толку лоша личност!“;
„како да се задлабочам во ова кога сум човек на науката и верувам само во она што е опипливо?“,
тогаш ќе се случат чуда Божји во твојот живот, но доколку ги користиш погорниве ставови како избор да останеш на своето, бидејќи тоа те врзува за задоволството да се крепиш сам за својата личност и способности, тогаш тоа е садистички став кон животот, болен избор како одлика на суетност, закоравеност, страв и бегство од вистината.

Затоа додека овие ставови сеуште не те разболеле, направи го вистинскиот избор: “Прослави Го Господ Исус Христос за свој личен Господ и Спасител, изрази ја својата понизност пред Него низ исповед, покајание и копнеж за прошка, заблагодари се за можноста на освествување и радувај се”- овој избор не значи да постанеш примитивен, ниту пак да се видат пред луѓето твоите слабости, туку избор да ги напуштиш своите кафези ставени врз емоциите, мислите, духот. Не се грижи дали некој ќе те исмее или ќе те поддржи, биди свесен дека твојата титула не си ти, ниту пак е улога која не ти дозволува да си со Бога. Направи го својот избор.

И вие сте во арената





Господ е Семоќен Сеприсутен Творец на сé и на сите, а ние како и овој свет и сé што е на него сме Негова креација. Убавината која нè опкружува надвор од нас и во нас е Неговото присуство. Сé е откриено пред Господ и ништо не може да се скрие. Господ создава, а создавањето се поттикнува од Љубов. Господ е Љубов и сé е создадено од Неговата Љубов.  Постои духовна војна во која сатаната сака да ги оттргне луѓето од Божјата Слава, од Бога и затоа тој ги краде човечките души. Тој е клеветник и неговата љубомора се изразува со тоа што тој ги обвинува луѓето дека се грешни, отфрлени, виновни, служејќи се со подмолни лаги ги заведува во ропство преку нивната зависност од пороци и правење гревови, после кое следува целосно угнетување на нивните души. Луѓето постојано се оттргнувани од Божјиот пат и го кршат Божјиот Закон, но Господ е над сé и Тој сé знае. Неговата Љубов се изразува преку пожртвувањето на својот единороден син кој го даде својот живот за сите ние да сме откупени од вината, гревот. Преку Господ Исус Христос ние сме оправдани како никогаш да не сме грешеле.

Христос ја пролеа сопствената крв за да не откупи. Сега гревовите ни се простени. Го стори тоа поради Својата неизмерна благонаклоност спрема нас, - Ефесјаните 1:7 

Господ Исус Христос е над Законот. Преку смртта на Христос, Божјата правда беше задоволена, зашто Тој умре на крстот и ги зеде сите наши гревови, сета вина и ја плати нашата казна, а на тој начин Бог нам ни прости за сите грешни дела и постапки, без разлика колку се тие многу, или колку се сериозни, веќе се простени, кога имаме вера во Исус. Кога веруваме во Господ Исус Христос тоа значи дека со верата во Него сме спасени, бидејќи преку почитувањето на Божјите заповеди колку и да се придржуваме за нив, сепак грешиме бидејќи грешници сме по Адам. Исус на крстот заврши со Мојсеевиот закон како неопходното средство преку кое се достигнуваше праведност во однос на Бог. Христос е крајот на законот како средство за достигнување праведност со Бог. Господ Исус Христос одново ни овозможи заеднички живот со Господ Таткото Наш Небесен.

И вие сте во арената каде што се случува духовната војна. Вие не случајно доаѓате во арената, зошто се раѓате на овој свет?

Многумина се однесуваат како небаре животот е даден да се господарствува со светот и со другите луѓе, но тие дефинитивно се заблудени и се инструменти на сатаната. Вас сé повеќе таквите луѓе од вашето опкружување ве иритираат, дури се прашувате зошто Бог тоа го дозволува? Други мислат дека се скромни и се задоволни со своето семејство и тоа што го имаат, без поголеми амбиции, немаат порив да го направат светот подобро место за живеење. Така некои луѓе живеат од ден за ден. Други се растргнуваат од потребата да постигнат нешто за себе и семејството и се раководат по својот рационален ум. Тие едвај можат да кренат глава и да осознаат каде се, но сите ја имаат шансата да видат. Понекогаш борбата за опстанок ги доведува до степен „трај си - прај си“ (или молчи и терај).

Постојат и христијани - верници кои веруваат дека само тие знаат сé бидејќи живеат според Библијата, но не дејствуваат да им помогнат на другите.

Но има и луѓе кои навистина се стремат да направат дела за да Го прослават Господ Исус Христос. Јас верувам дека вие кои читате вакви книги, сте подготвени навистина без да се срамите да чекорите напред и да Го Славите Господ Исус Христос.

Треба сите луѓе да се свесни дека Господ ни дал слободна волја и тоа значи дека Неговата Љубов не нè условува, Тој сите нас нè сака безусловно, безрезервно и ни ја дава Вистината. Ние сме сите спасени преку Господ Исус Христос и живееме да Го славиме, да ја спроведуваме Неговата Волја, да живееме со Него и бидеме работници на жетвата. Господ ни дал многу и ние треба да сме благодарни за тоа.

Да не бидеме уморни да правиме добро, зашто ќе жнееме во право време, ако не се умориме. - Галатјани: 6:9 

Секој човек треба да е свесен дека кога има живот со Бога, веќе не може свесно да греши и потоа пак да се покајува и повторно да греши, тоа е лицемерно и тоа значи дека нема искреност, туку постојано со тоа Го распнуваат Исуса на крстот. Ако се трудите да не грешите, тогаш можно е да западнете во состојба да правите свој идол од парите, болеста, стравот, работата, но треба да се пазиме. Кога живеете со Бога, Неговата Љубов е во вас и тогаш, сатаната не може да ве допре иако има власт на светот во кој сме, но Исус му ја скрши власта на сатаната, Исус е победник и ни даде вечен живот.

Знаеме дека ниеден, кој е роден од Бога, не греши, туку родениот од Бога се пази себеси и лукавиот не се допира до него. Знаеме дека ние сме од Бога, а целиот свет е во власта на лукавиот. Исто така, знаеме дека Божјиот Син дојде и ни даде разум, за да Го познаеме Вистинскиот. И ние сме во Вистинскиот, во Неговиот Син Исус Христос. Тој е вистински Бог и вечен живот. Дечиња, пазете се од идолите. Амин! - 1 Јованово 5:18-21 

Ангел пред вратата на Весна





Од спратот подолу под станот на Весна се слушаа чукања, удирања од мајсторите кои се обидуваа да ја поправат пукнатата водоводна цевка. Sвончето во станот заѕвони, Весна побрза да отвори, мислејќи дека им треба некаква помош или алат на комшиите и на мајсторите кои работеа. Пред влезната врата стоеше една русокоса жена помалку поднаведната. Рацете ѝ беа со побелена и сува кожа од ладното време. Жената носеше еден постар капут и една шамија на главата. Весна се изненади од скромниот и изнемоштен изглед на жената. А жената полека го подигна погледот кон Весна и ја замоли: „Извинете, но имам проблем, моето дете е во болница, ми треба помош за да можам да докупам лекови за неговото лекување. Не знам дали ми верувате или не, но ако на било каков начин можете да ми помогнете...“

Весна кога ја слушна изјавата веднаш се досети и на некои претходни луѓе кои ѕвонеле на нејзината врата со разни изговори за да се просат пари, и во нејзе се појави скептичноста како магла која ѝ го замати умот. Токму во тој миг Весна кога сакаше да ја затвори врата, жената ја наведна главата и се насочи да си тргне. Тогаш сомнежот не додржа во Весна и таа извика: „Почекајте, ве молам почекајте, сега ќе се вратам”. Жената во истиот миг застана, а Весна се врати во станот.

Во паричникот на Весна имаше неколку банкноти кои ја формираа вкупната сума од 1500 денари кои ѝ останаа после големото купување на подароци и продукти за празничните денови. Таа се запраша себеси, колку ли да ѝ даде на жената, нејзиниот ум ѝ укажуваше да даде помалку пари, за да може да ги задоволи основните потреби во наредните денови пред да земе плата. Тогаш Весна застана како да се згрчи. Нејзиното тело беше стаписано, очите ѝ останаа замрзнати како да беше отсутна и некаде далеку полетана. Во тој миг на нејзиното лице се извезе една топлина, нежност која засвети по целата нејзина глава. Тој миг беше толку краток, а малку повеќе од долг... тогаш Весна ги зема сите пари и побрза кон влезната врата. Ја отвори вратата, жената сеуште стоеше премрзната пред вратата. Весна ѝ рече:„Повели ова е тоа што можам да ти го дадам“, а потоа додаде: „еве ти го и мојот мобилен телефон што и да ти треба те молам побарај ме, информирај ме што се случува со твоето дете, во меѓувреме ќе се молам на Господ Исус Христос за твоето дете”.

Жената беше повеќе од изненадена, се насмевна и чиниш во срцето и огреа светлина. На нејзините очи се појавија топли солзи кои само што не капнале, а од устата нежно прошепоти: „Многу ти благодарам, а Господ да те благослови со изобилство од Неговата Милост”. Жената ги зеде во своите премрзнати раце парите и бизнис картичката од Весна. Тогаш Весна се сети дека можеби жената е гладна и жедна и ѝ рече: „Извинете уште еден момент, ве молам почекајте да ви донесам уште нешто“. Весна отиде во кујната, зеде парче леб и во една чаша стави супа од подготовките за попладневниот ручек и се упати кон вратата. Кога Весна ја отвори вратата, жената ја немаше, си заминала. Весна не го очекуваше тоа, се врати назад во кујната збунета, но ѝ беше криво што не се сети порано да ѝ даде на жената топла супа и парче леб. Тогаш во нејзиното срце се појави некакви возбуда, мало љубопитство. Весна веднаш истрча и се симна на долниот спрат. Мајсторите беа седнати на скалите и пиеја кафе со комшиите кои го имаа проблемот со пукнатата водоводна цевка. Весна ги праша: „Здраво комшии, дали сега помина една жена од тука?“ Мајсторите и комшиите беа збунети, но веднаш ѝ одговорија дека веќе 20 минути се надвор во ходникот пред станот и пијат кафе, чекајќи го другиот колега да им донесе алат без кој не можат да продолжат да работат и дека не виделе никој да помине, ниту да се качува нагоре, ниту да се спушта надолу. Весна се заблагодари и се упати кон горните спратови на зградата, но и таму немаше траг од жената.

Весна беше малку збунета, но повеќе среќна, се врати во домот и си потпевнуваше некоја песна. Покасно направи молитва кон Господ Исус Христос и излезе во градот да се најде со пријателката. Кога излезе со пријателлката седна во кафулето, а на крај од состанокот, по инерција Весна посегна да го земе паричникот од чантата за да го плати чајот и покрај тоа што нејзината пријателка ѝ укажа дека ќе ја почести. Во паричникот на Весна имаше сеуште 1500 денари. Весна остана стаписана, збунета и вознемирена. Се чувствуваше како да ѝ е потребно повеќе време да ги размисли одново нештата што ги преживеа тој ден. Пријателката на Весна ја забележа нејзината вознемиреност и ја прашуваше што ѝ се случува, но Весна само замолча и се насмевна.

Поминуваа деновите, навечер или наутро Весна се прашуваше дали било вистина или сон она што го доживеа со жената, како можеа парите да бидат сеуште во паричникот, кога ги беше дала на жената? Потоа се прашуваше како ли е детето на жената која молеше за помош. Потајно, некаде длабоко во себе Весна го очекуваше повикот од жената да се случи во тие денови. Поминуваа деновите, но жената не се јави. После повеќе денови на Весна и се јавија од работа и нејзината колешка и соопшти дека нивната организација примила голема донација од некој човек. Весна беше изненадена бидејќи не аплицирала со никаков проект на ниту една организација или човек. Тоа беше неочекуван прилив на финансии кој малку ја подзамисли Весна. Додека беше замислена се подготви за духовната работилница која ја имаме редовно во вторник навечер и се упати кон нашите простории. Откако се поздравивме, Весна ми ги раскажа сите детали за кои ви пишувам. Но, тогаш ја прашав што е тоа што ја направило да се предомисли во однос на парите, дали да даде помалку пари на жената и веднаш потоа да одлучи без сомнеж, сите пари од паричникот да ѝ ги даде на жената. Весна рече:

„Во тој миг, слушнав глас кој ме преплави со прекрасна блажина, почувствував дека Светлина се спушта врз мене. Гласот ми рече да ѝ ги дадам сите пари и без размислување го сторив тоа. Истиот ден забележав дека парите што ѝ ги дадов на жената се непоместени од мојот паричник. Бев полна со прашалници, а по неколку денови ми испливуваше ликот на жената, а потоа добив донација во мојата организација. Јас сум изненадена бидејќи жената беше многу понизна, не наликуваше на просјак, ниту на некој кој лаже. Збунета сум, имам чувство дека долго време барала помош или подршка од врата на врата, но никој не ѝ верувал.Се надевам дека нејзиното дете е добро. Но чувствувам дека беше ангел.“
„Ах, Весна, се разбира дека беше ангел. Колку ли ангели доаѓаат во нашите животи, некои да нé поддржат, а некои за да ја покажеме нашата дарежливост и вера во Господ Исус Христос. Луѓето станаа скептични, некои крути, а некои исплашени, дури ни врата не отвараат, зашто некои го злоупотребија и просењето на помош. Треба сите да работат на довербата, сплотеноста, меѓусебното помагање и љубење, на тоа на кое Господ Исус Христос нé учеше.“

Весна додаде: „Тешко е човек да процени кој е прав, а кој не е, и јас бев скептична кон жената, но ти велам Го слушнав Гласот кој беше Божји и бев целата облеана со нежност. Се прашувам дали луѓето Го слушаат Тој Глас?“

„Би сакал да верувам во тоа Весна, но треба да знаеш дека секое срце што верува во Господ Исус Христос и расте во Божјото Слово како тебе, лесно е да Го слушне Божјиот Глас. Да се молиме за сите луѓе да се обединат во Името на Господ Исус Христос и да завладее мир и добра волја меѓу луѓето.“

Чекор кон нови цели.




Ако човек нема цел во животот, тогаш нема динамички елемент во неговото живеење. Размислете дали вие или некои од вашите блиски имате депресивни мисли, дали стравот превзема контрола над вас, дали неизвесноста ве прави жртви на времето?

Некои од луѓето читаат, но си остануваат со теориите без практично да ги применат советите. Други пак, остануваат во секојдневнието да гледаат телевизија или пак во меланхолијата да тонат без престан со чувството дека се жртви на безработицата, лицемерното пријателство, болестите и слично. Од искуството увидов дека најчесто вакви состојби им се случуваат на луѓе кои немаат не само цел, туку немаат стабилна база врз која треба да го градат својот живот. Едноставно пораснале и наивно влетале во светот кој не нуди спасение, туку борба за опстанок.

Дали вие имате цел?

Во некои случаи кога родителот не ја исполнува својата амбиција во замислените цели, доаѓа момент кога тоа сака да го наметне на своите деца. Децата стануваат „среќни жртви“, бидејќи ја имаат поддршката од родителите за да одат напред, но не разбираат дека станале жртви на туѓата желба. Затоа таквите деца кога ќе бидат успешни и обезбедат услови за живот, стануваат свесни за важноста на животот и за тоа кои се тие како личности. Некои продолжуваат напред во потрагата, други се губат и бараат утеха во пороците, други глумат пред луѓето дека е сé е во ред, а во себе страдаат... Кога ќе ги доживеете овие фази доаѓате до момент на безличност, рамнодушност и заситеност од сé. Како предвреме да сте го изживеале животот, како да сте изморени од животот. Тогаш веќе немате конкретна цел. Тоа не значи било каква цел од секојдневните обврски, туку вистинска цел, за да ве придвижи напред.

Едно дете останува само, неговите родители загинале во сообраќајна незгода. Од страната на мајката нема роднини, а од страната на таткото, иако стара постои баба на која ѝ е доделено внучето да го идржува и да се грижи за него. Детето оди на училиште, оди напред, но бабата сé повеќе е изморена. Кај бабата е дијагностицирана тешка болест со краен исход смрт и тоа во наредните месеци. Бабата започнува да размислува дека нема на кого да го остави внучето, нејзината грижа е толку голема што ѝ дава борбени механизми да надмине сé само да го изнесе своето внуче на прав пат. Загрижена од можните сценарија каде и кој би се грижел за нејзиното внуче, преплашена од стравот дека животот на сирачињата е тежок, бабата започнува преку молитви кон Господ Исус Христос со голема посветеност и ентузијазам да се посветува на внучето. По неколку години бабата е сеуште жива. Божјата Љубов во неа ја исцелила како резултат на молитвите и на силната вера во Бог. Всушност, Господ ги услишил нејзините молитви заради нејзината желба да се грижи за друга душа, за своето вуче, кое претставува вистинска цел.

Целта ја придвижува вашата димензија во еволуција. Токму за да ја имате таа цел потребно ви е не желба за задоволување на личните интереси, туку цел која е со конкретна добробит и за другите луѓе околу нас. Таквите цели доаѓаат само од Господ Исус Христос со молитва и со вера во Него, всушност, да живееш за Бог и да Му служиш, тоа е цел која дава живот.
Да се развиваш во духовен аспект е исто така цел и може да ве воведе во еден прекрасен свет исполнет со живи и динамични искуства. Секоја можност за разбирање на пријателот или простување на непријателот, секоја можност да помогнете некому, да споделите она што го имате со луѓето, е одлика на љубов. Доколку љубовта ве движи во животот не останувате сами, не сте изморени, не паѓате во мракот, туку сé повеќе бродите кон усовршувањето преку молитвата до Божјите прегратки.

Целта од духовен аспект не бара жртви, туку само откажувања од непотребните навики и старите модели на размислувања и дејствувања, да се зачекори во слобода, а не да се биде роб на желби и амбиции, да се исполни смислата на своето постоење. Во својата еволуција значи да имаш способност да се менуваш, да бидеш флексибилен, да прифаќаш и да знаеш кога и дали твојата цел е по Божјата Волја.

Времето за создавање цели пристигна. Можеш да седнеш сега и да размислиш што си направил во твојот живот и што би сакал навистина нешто да оствариш.
Поттикни се во своите нови цели.

Духовност или секта - каде се наоѓаш ?














Исполнети ли сте со радост? Ја имате ли треперливата искра која ве поттикнува во животот? Некои тоа го доживуваат како успех во работата, други како љубовта на нивниот живот, трети како развој во духовноста. Интересен е колажот на впечатоци кои луѓето ги создаваат и генерираат во текот на своето животно искуство. Во зависност од нивната примарна цел во животот некои повеќе се наклонети кон материјалните појави, а други кон духовните, емотивнте пориви.

Духовноста не е апстрахирање од земскиот свет, не значи слепо да се биде поклник на ритуали, обредни изведби и тенденции  за да се заслужи спасението, туку духовноста е стремеж и способност да се чувствува слободата на животот и да се биде постојанство во Божјата Љубов и Вистина. Кога си во христијанската духовност ти имаш постојан порив да им помагаш на луѓето, да се радуваш и да Го славиш Господ Исус Христос и да го промениш светот. Всушност ова би значело да се биде на Патот. Во раното Христијанство, христијаните биле нарекувани луѓе по Патот, бидејќи Исус Христос вели дека Тој е Патот, Вистината Животот и дека никој не оди при Отецот освен преку Него.


Многумина мислат дека Христијанството како духовност ги ограничува и не им овозможува слободно да живеат и да се однесуваат. Така некои мислат дека треба да почитуваат безбројни правила, ритуали и да бидат во постојан страв да не згрешат. Тоа веќе насочува кон религизона длабочина која поскоро оддалечува отколку што го приближува човекот кон Бога. Токму од оваа причина луѓето не се обидуваат подлабоко да навлезат во христијанската духовност и стануваат плен на секти и фалшливи духовни правци кои ги водат кон заблуда и страдање. Денес многу луѓе членуваат во групи кои навдно се духовни, а всушност се станици од каде се пропагира источна религија и филозофија, каде што се говори за реинкарнациите, верување во некои други принципи кои оддалечуваат од Христијанството. Многу Христијани одат таму со цел да имаат повитко тело, раздвижено од позициите во кои вежбаат, други одат за духовен развој преку фокус на нивните мисли кон дадена цел, некои  имаат стремеж кон просветлување, а некои кон тоа да се спасат од болести, страв, траума, коплекси и сл.


Сето ова изгледа современо, модерно како тренд во кој ако им укажеш дека е одлика на лажна духовна тенденција ќе те наречат дека си религиозен фанатик, забеган, заостанат и потоа ќе бидеш отфрлен од нив. Жалното е што незнаењето ги води луѓето подлабоко во ранливост која отвара врата за сатаната и демоните да влезат во нив.
„Ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, Христос е тука’ или ‘таму’- не верувајте, зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, па ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните.“ - Матеј 24:23, 24


Секта е затворена група луѓе кои создаваат култ и се противат на основната Вистина и Чистина, прокламирајќи ерес преку учење со свои ритуали и обреди. Тоа е организирана задница која е одвоена од Црквата и настапува убедено во своите принципи. Денес потешко се откриваат бидејќи користат имиња и термини кои носат значење на универзалноста на животот, обединетоста меѓу луѓето, духовна технологија, сила на мислата, трансцедентално лечење и многу други. Тие го оддалечуваат христијанскиот верник од неговата вера во Бог, но на префинет и лукав начин, не создавајќи му ниту сомнеж дека можеби тие се секти.


Секој човек има право на свој избор, но погрешниот избор води кон смрт. Не постои привилегија некој да е поблиску до Бог, а некој да е подалеку од Бог. Треба да знаете дека Господ ни дава на секој од нас,  слобода и можност да ја видиме Неговата Вистина и да растеме со вера кон Него Славејќи Го. Спасението не може да се заслужи преку дела, туку само со вера во Господ Исус Христос. Постојат и некои ситуации кога некои дела ја потврдуваат вашата вера во Господ и тоа може Бог да Го оправда како што беше со Авраам.


Некои луѓе со кои сум комуницирал го изјавуваат следново: „Јас правам добри дела, веројатно Господ Го гледа тоа и ќе ме спаси”, оваа изјава е одлика на човек на кого верата во Господ се заснова на дела, но во Библијата ни е кажано дека колку дела да направиш и колку и да ги почитуваш Божјите заповеди, сепак ќе згрешиш бидејќи не си совршен, затоа исполнувањето на Законот е Господ Исус Христос и со вера во Него си оправдан и спасен.


„Постојано како јас да сум крива за се нешто“, оваа изјава често ја слушам од луѓето и кај нив чувството на вина се повеќе им ја откинува радоста од животот, бидејќи дозволуваат негатовното, неправедното да ги допира длабоко во срцето. Важно е да се знае дека ако се ти оди како подмачкано во животот треба да размислиш дали си на Божјиот Пат или  си склучил некаков договор со сатаната, бидејќи кога одиш по Божјиот Пат се соочувааш со разни проблеми, патот е тесен, но ти си човекот врз кого Бог ги излева своите блаженства. Непознавањето на оваа Вистина која сјајно блеска од Светото Писмо, ги воведува луѓето во помрачување на нивниот ум.


„Не можам повеќе“ оваа изјава ја слушам од луѓе кои се доживуваат како жртва не разбирајќи дека не постојат да бидат жртви туку победници, бидејќи една е жртвата на сите времиња Кој за сите нас умре и Воскресна, Господ Исус Христос. Кога луѓето не Го познаваат Господ, тогаш живеат како жртви и ја немаат Неговата победоносна радост во срцето.


Многу луѓе  немаат радост, некои немаат деца, други имаат деца, но тие имаат некој проблем, други имаат проблеми на работно место, а некои немаат работа. Во проблемите човек е оптеретен и се соочува со многу тешкотии, а така се наметнуваат обврски или состојби кои наводно не им овозможуваат луѓето да ја читаат Библијата и да растат со вера во Господ Исус Христос. Некои од вас не ја читаат Библијата, други немале желба, други како да не можат бидејќи не ја разбираат, а други пак поради проблемите кои ги прават робови на тешкотиите. Кој стои зад сето ова? Драги мои, вие сте сигурно добри луѓе и постоите бидејќи Господ Исус Христос има план за вас. Радувајте се на секој миг кој го имате, но знајте дека Неговата победа над смртта и сатаната треба да ги прославите во секој миг од вашето живеење.