Friday, June 7, 2013

Драги браќа и сестри во Христа,



Ви се обраќам со многу љубов и радост и сакам да споделам со сите вас дека Господ Исус Христос сите нас нè љуби и ни дава живот. Тој нè исполни со Светиот Дух и радоста беше полна, а Силата која протече низ нас ни дава бесстрашност и решителност во сведочењето за Господ Исус Христос. На сето ова сатаната не се скри, туку напротив, веднаш нападна и кон мене и кон сите вас. Целта му е со силни зборови, да ја расклати верата, да го расколеба вашето растење во Христа „за тој да ве доведе до Христос“. Како сатаната ќе ве доведе до Христос? Оваа заблуда за жал, е огромна, бидејќи сега гледате дека оној кој е повикан за служба во Христос не може да се однесува како клеветник, обвинител, да биде полн со завист... тоа се карактеристики на сатаната, тој повикува на убиство, на казна, на смрт...

Уште пред два месеци бев предупреден дека дружината секта, ќе ме нападне и ќе имаат стратегија да ме прогласат за сатанист и демонизиран човек, непријател на луѓето и бесрамник пред Бога.

Тоа сега се случува, и се мава со камења по мене.

Дали ви станав непријател затоа, што ви ја зборувам вистината? Тие не ревнуваат добро за вас, туку сакаат да ве одвојат, за да ревнувате за нив.
Галатјани 4:16,17

Јас не кријам, јас бев грешен и одев по криви патеки, јавно се исповедав и покајав за мојот срам и моите гревови, и Господ ме слушна, што сакаат од мене? Зарем тие се поголеми од Господ Исус Христос Кој ми се објави, ме спаси, одново ме роди и ме повика на служба? Значи да Му служам на Господ и да го ширам Евангелието е проблем? На кого му пречи тоа? Вистинските Христијани ќе се среќни бидејќи одам по Господ Исус Христос, но овие жалат бидејќи мислат дека Исус само ним им припаѓа. Се разбира за сето ова ме повикуваат на дуели, на јавни расправи и слично.  А Исус одеше на дуели? Јас Неговиот пример го следам. Не сакам да се расправам и немам што и на кого да му докажувам. Јас немам проблем, а тие имаат. Господ излеа од Неговите благослови врз нас, а тие се соблазнија. Го посочија прстот кон мене и салата им се наполни, бидејќи на световните луѓе блиску им е тоа и радост имаат кога некој се навредува и се прогонува. Не се сите заведени, има многумина таму кои молчат во страв и знаат дека ова не оди кон добро, но не можат да се преборат со крволочноста. А Исус Христос како постапи кон грешницата?

Му рекоа: „Учителе, женава е фатена во самото дело на прељуба. А Мојсеј ни нареди во Законот да ги убиваме со камења таквите; а Ти што велиш?” Тоа го рекоа за да Го искушаат, за да имаат за што да Го обвинат. А Исус се наведна и пишуваше со прстот по земјата. Но бидејќи и натаму Го прашуваа, се исправи и им рече: „Кој е од вас безгрешен, нека прв фрли камен врз неа!”
Јован 8:4-7

Некои од таа група ниту ме познаваат, ниту разговарале со мене, а ме осудуваат со изговор дека се засегнати и дека ја разоткриваат вистината, а не ме ни ислушале. Уште пред да кажам било што, ме осудија. Некои од тие луѓе жалат што нема „Голи Оток“ бидејќи таму требало таквите како мене да звршат. Ова се изјави на неговите следбеници.  Каде е Љубовта? Исус вели дека по љубовта ќе познаат дека сме Негови ученици. Но, овде освен презир, осуда, омраза, не слушнав ништо друго, а тврдат дека ја познаваат Вистината Божја.

Во нивните очи станувам непријател заради Христос, станувам лажливец и криминалец, ме удираат со камшиците дека наплатувам и ги заведувам луѓето (и покрај тоа што имам терапевтска професија со конкретни услуги), ме обележуваат во срам и лага... стојам сам и слушам виулицата вие, а Исус ме води, Го гледам пред мене како Свети со Неговата Светлина и ми Го дава Неговиот мир, радосен сум и ми течат радосници солзи, зашто ме отфрлуваат како Христовите следбеници, бидејќи голема е нашата награда на Небесата. Со најголеми докази да седнам и да им раскажам малку ќе биде, бидејќи нивната жед не е за правда, туку за крв и срам.

Останувам со добра волја во: слабостите, навредите, неволјите, прогонувањата, притеснувањата заради Христа, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен.
2 Коринтајни 12:10

Ве молам браќа, немојте да имате гнев кон нив, немојте да се храните со револт и омраза, зашто ние немаме право да мразиме, ниту да судиме, ние само треба да Го славиме Господ Исус Христос. Некои од вас како и јас бевме во калта, но Господ нè подигна и во Него нè обнови, како Савле кој ја прогонуваше Црквата, а потоа Господ Му се објави, та стана Павле, ревносен Апостол Христов. Откако Павле се приклучи на христијаните, апостолите беа сомнителни дали тој е вистински или не, но Светиот Дух ги водеше и не го удираа со камења по глава зашто некогаш бил прогонител на Христијаните. Денес јас се соочувам со еден свештеник кој постојано ме обвинува, кој со информации од мојот стар живот удира по мене и покрај тоа што му посведочив лично во четири очи дека Господ Исус Христос ми се објави и ме спаси.


Зарем сме виновни што се радуваме на Божјата Љубов, што читаме од Библијата, зарем сме виновни што помагаме на болни, осамени и сиромашни?

Зарем сум виновен што ја исполнувам Божјата Волја и што Господ Исус Христос работи преку мене, зашто се исполнува кажаното од Исуса:

А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици; ќе фаќаат змии; ако испијат и нешто смртоносно - нема да им напакости. Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат.
Марко 16:17,18

Се чудам како толку недостасува стравот од Бога, како отсуствува од овие луѓе свесноста дека хулата против Светиот Дух не се простува, се чудам и жалам за нив... најдобро е да се молиме.

А Господ да ги управи вашите срца кон Божјата љубов и кон Христовото трпение!
2 Солунјани 3:5

Ве молам браќа и сестри, вас, кого се обидоа да го исплашат, но не успеаја, кого се обидаа да го откинат, но не успеаја, ве молам, да се молиме за целата дружина која декларира дека се Христијани, а навредува и буди омраза, да се молиме за нив, за Господ да им се открие во нивното срце, да се покајат за сите сторенија што ги вршат и заедно да Го прославиме Господ Исус Христос.

Дали е ова среден век? Демократското општество дозволува секој да го каже своето мислење, а тие ги нарушија правата на мојата личност и слобода на изразување, лажно ме обвинуваат, го кршат законот во однос на верските прашања... ме срамат и навистина ме провоцираат за од ова излезе скандал. Целта не им е да Го шират Евангелието кон оние кои не го познаваат Христос, целта не им е добродетелство, целта им е јас да бидам посрамен и да ги оттргнат луѓето кои доаѓаат заедно да Го Славиме Господ Исус Христос.

Ниту припаѓам на некоја друга религија, ниту сум влезен во некоја деноминација, што е тоа што е погрешното? Мисијата Светиот шепот е со цел да ја поттикнеме верата во нашиот Господ Исус Христос, со молитва да живееме во взаемна љубов, мирољубие, толеранција. Мисијата Светиот шепот не е религија, туку движење во радост кон Бога.

Ја почитувам Православната Црква, но не оваа секта која се крие под Авторитетот на Православната Црква. Господ ми е сведок дека навистина им го посакувам најдоброто по Божја Волја, но не можат да го згаснат пламенот и жарот да одам по улица и да Го Славам Господ Исус Христос, не можат да ми забранат да го љубам Бога, не може никој да ме одвои од Господ Исус Христос, па макар ме убиле, ако за тоа сум виновен уште денес нека загинам.


Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог ли, Кој ги оправдува? Кој е оној кој ќе ги осуди? Христос Исус ли, Кој умре - но уште и воскресна - Кој е од десната страна на Бога и Кој се застапува за нас? Кој ќе нè одвои од Христовата љубов? Неволјата ли, или притеснувањето, или гонењето, или гладот, или голотата, или гибелта или мечот? Како што е напишано: „Заради Тебе нè убиваат постојано, нè сметаат како овци за клање.” Но во сè ова победуваме надмоќно преку Оној, Кој нè возљуби. Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту некое друго создание, ќе може да нè оддели од Божјата љубов, која е во Христа Исуса, нашиот Господ.
Римјани 8:33-39



Му благодарам на Господ Исус Христос што ве придвижи по Неговите стапки, сега и вие Го познавате и знаете дека Тој е Најсилен Авторитет и Е над сé, Цар на Вселената, немојте да се плашите, само останете во молитва кон Бога и со Светото Писмо. Ја гледам вашата ревност за правдината да излезе на виделина, ја гледам вашата тага, зашто некои од тие луѓе ни беа блиски и пријатели, но ете јас не повикувам на разделба, туку на Божјата Љубов и мир.

Очигледно е дека Господ има голем план за нас, бидејќи нашата мисија станува популарна, им пречи, ова значи дека Вистината Божја треба на многумина да се сведочи и да ги повикуваме кон молитвен живот. Јас ви благодарам што не ме напуштивте и што Името на Господ Исус Христос е на вашите усни и наутро и навчер и во радоста и во слабоста.

Ве поздравувам со свет целив и благодатта на нашиот Господ Исус Христос да е постојано со вас.









No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.